Европската комисија (ЕК) денес им се закани на Полска и Унгарија дека ќе поведе прекршочни процедури против нив доколку двете земји продолжат да одбиваат прием на баратели на азил кои се наоѓаат во Грција и Италија.
Денес исто така земјите членки на ЕУ побараа од ЕК да продолжи со дијалогот за правната држава во Полска.
Во 2015 година Комисијата донесе план со кој земјите членки се обврзуваат да земат на своја територија бегалци. Унгарија и Полска упорно одбиваат да го спроведат овој план. Стануба збор за 160.000 бегалци кои треба да бидат распоредени во сите земји членки на ЕУ во рок од две години за да им се помогне на Атина и Рим.
“Ако ништо не биде направено до нашиот следен извештај во јуни ЕК нема да се колеба да го искористи своите права дадени од европската повелба и ќе отпочне со прекрошчна постапка”, изјави денес потпретседателот на ЕК Франс Тимерманс.
Што се однесува до правната држава во Полска, ЕК веќе предупреди дека санкции кон оваа држава се можни поради тоа што Варшава и нејзината конзервативна влада донесоа судска реформа која ја нарушува правната држава.
Точките од оваа реформа што ЕУ ги критикува се функционирањето и именувањето на членови на Уставниот суд во Полска. Овие реформи укажуваат на тоа дека владата сака да го контролира Уставниот суд.
Во декември 2016 година ЕК и даде два месеци на Полска да одговори на последните препораки но полската влада не даде убедливи одговори.




