На вчерашните локални избори за градските совети во Хрватска, Хрватската демократска заедница (ХДЗ) освои мнозинство во 12 големи града, покажуваат првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија.
Социјалдемократската партија освоила најмногу гласови во пет, Истарскиот демократски сабор и Партијата на трудот и солидарноста имаат мнозинство во по еден градски совет, како и две независни листи.
Во четирите најголеми хрватски градови ќе има втор круг избори за градоначалник.
Во Загреб во вториот круг за две недели силите ќе ги одмерат актуелниот градоначалник Милан Бандиќ кој освои 30 проценти од гласовите и кандидатката на СДП и Хрватската народна партија Анка Мрак Тариташ.
Во Сплит најмногу гласови освои контроверзниот бизнисмен и екс градоначалник Жељко Керум. Нему противкандидат во вториот круг ќе му биде Андро Крстуловиќ Опара од ХДЗ. Втор круг ќе има и во Ријека и во Осијек.




