Најмалку седум луѓе се повредени во стампедо кое се случи во Кина кога фудбалската ѕвезда Дејвид Бекам пристигна во Шангај Тонгџи Универзитетот.
Веќе пензионираната фудбалска легенда, патуваше во Кина на средба со претставниците на универзитетскиот тим, како дел од својата амбасадорска улога на кинеската Супер лига.
Фановите го пробиле полицискиот кордон по што настанала „мешаница“ од студенти, полиција и обезбедувањето.
Чу Дан, фудбалер на Тонгџи Универзитетот ја опишува ситуацијата како „премногу луда“. „Не очекувавме толку многу луѓе да се појават. Премногу фанови на Бекам“, вели тој.
Како последица на тоа, настанот беше одложен.
Дејвид Бекам веднаш ги искористи социјалните медиуми да им се заблагодари на сите и да изрази жал за повредените.
Триесет и осум-годишната ѕвезда на фудбалската игра, ќе престојува во Кина 7 дена во улога на амбасадор за промоција на Првата фудбалската лига на Кина.