Преговорите меѓу премиерите на Србија и Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи со посредство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, завршија синоќа во Брисел, без финален договор за планот за имплементација на Спогодбата за нормализација на односите.
По средбата, Тачи пред новинарите изјави дека двете страни „ги приближиле ставовите, но не се договориле“, но дека дека следниве денови ќе продолжат разговорите по работни групи, а дека неговата следна средба со Дачиќ е закажана за 8 јули во Брисел.
Високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија Кетрин Ештон пак изјави дека Косово и Србија оствариле конретен прогрес во нормализацијата на нивните односи.
Оваа недела, Брисел треба да процени дали е направен прогрес за Србија да ги почне преговорите со ЕУ.
По средбата, ниту еден член на српската делегација не им се обрати на новинарите.
Според „Вечерње новости“, српскиот вицепремиер Александар Вучиќ, кој исто така присуствуваше на средбата, инсистирал Србија да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ во текот на октомври.