Дабл-дабл учинокот на двете најголеми ѕвезди во тимот на Мајами Хит, ЛеБрон Џејмс, односно Двејн Вејд, ја вратија титулата на Флорида втора сезона по ред.
Во натпреварот број 7, со резултат 95:88, Мајами ја заврши серијата од НБА финалето против Сан Антонио со вкупни 4:3, освојувајќи го третиот шампионски прстен во историјата на клубот.
Џејмс постигна 37 поени, надополнети со 12 скока, додека Вејд уфрли 23 поени и 10 скока.
По признанието „Најкорисен играч на сезоната“, Џејмс ја доби и наградата „Најкорисен играч во финалето“. Со таква статистика две години по ред, Џејмс му се приклучува на Мајкл Џордан и Бил Расел на кои досега единствено им успеало тоа.