Американскиот претседател Доналд Трамп на средбата со претставниците на ЕУ во Брисел изрекол големи критики на сметка на Германија во врска со германскиот трговски суфицит.
-Германците се лоши, многу лоши, им рекол Трамп на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер и претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, пренесува интернет изданието на весникот „Шпигел“, повикувајќи се на извори од присутните на средбата.
-Видете ги милионите автомобили кои тие ги продаваат во САД. Страшно. Ние ќе го запреме тоа, рекол Трамп.
Јункер притоа застанал во одбрана на Германија, истакнувајќи дека сите имаат корист од слободната трговија. Учесниците на средбата со кои разговарел новинарите на „Шпигел“ рекле дека Јункер го задржал пријателскиот тон во разговорот, иако се спротивставил на ваквото трвдење на Трамп.
Јункер денеска пред почетокот на Самитот Г7 изјави дека Трамп не рекол дека Германците се однесуваат лошо и медиумските извештаи ги оцени како претерани.
Со години, Германија повеќе извезува отколку што увезува и Трамп повеќепати претходо го критикувал овој трговски суфицит. Во интервју за германскиот таблоид „Билд“ пред инаугурацијата исто така го изрази незадоволството од бројот на германски автомобили на улиците на Њујорк.
-Би им порачал на БМВ дека доколку имаат намера да направат фабрика во Мексико и да извезуваат автомобили во САД без данок од 35%, тоа нема да се случи, рече Трамп.
Трамп во предизборната кампања повеќепати ја критикуваше Германија поради влијанието врз американската економија и извозниот суфицит.
Неговиот слоган е „Америка на прво место“.




