Александар Вучиќ вели дека е срамно тоа што Македонија му ги дала, на Горан Живаљевиќ од амбасадата на Србија во Македонија и новинарот Мирослав Лазански од Белград, записите од прислушуваните разговори на Иван Стоилковиќ, лидер на Демократската партија на Србите. Според Вучиќ не е виновна Македонија туку странска западна служба, пренесува N1 телевизијата.
Изјавата дојде вчера во интервју на ТВ Пинк:
“Во Србија прислушувани разговори не се објавувани во медиумите во последниве години, барем не оние по 2012 година. Се разбира дека ги има, во согласност со законот, но не и во медиумите. Одговорни земји се однесуваат на одговорен начин”, рече тој.
Вучиќ праша зошто македонската власт го следела и прислушувала новинарот Мирослав Лазански и рече дека е срамота тоа што е направено.
Според Вучиќ, кој наскоро ја презема претседателската функција во Србија, од странство имало огромни притисоци и биле вложени многу пари за соборување на неговата влада, но за да се обелодени тоа е „потребна одредена историска дистанца“.




