Вечерва, во 19 часот, во Книжарницата ТРИ во Дебар Маало ќе се одржи промоција на романот „Манастир Фуентерабија“ од еден од најдобрите македонски книжевни гласови – Јагода Михајловска-Георгиева.
И овој пат Јагода Михајловска-Георгиева преку своите ликови проникливо го поттикнува читателот да открива нови вистини за себеси. Нарацијата полека нè понесува, претпазливо ги мокриме стапалата во првите страници на романот пред целосно да се нурнеме во оваа ексцентрична приказна.
„По многу години во манастир, Тој се размонашува. Заминува во Фуентерабија. И Таа е дојденка таму. Во сè се разликуваат. Заедничка им е само длабоката вманастиреност во самите себе. Преку неа се препознаваат крај Океанот.
Што сè нема внатре, во ќелиите на нивните, нашите сопствени манастири, во зборовите, во молкот. Залуден ли е вечниот копнеж на човекот за прескок над ѕидовите што нè двојат и за потполно спојување со Другиот преку душите… телата?…“
По успехот на романите „Индиго Бомбај“ – кој беше прогласен за Роман на годината и доживеа шест изданија, и „Каменот од Твојот ден“, обележан со Рациново признание и три изданија, ова е роман кој со право се очекува да предизвика голем интерес кај македонската читателска публика.
Фото: Глобус