Наскоро можеби наместо Каиро, кога луѓето ќе патуваат во главниот град на Египет, ќе изговараат друго име. Ова се должи на најавената инвестиција од Кина која ќе вложува милијарди за креирање на нов град во Египет.
За сега нема официјално име за градот, но нова кинеска компанија планира влог од 20 милијарди долари. За ова бил информиран претседателот на Египет, Ел Сиси на состанок меѓу него и претставниците.
На ова претходеше договор од 15 милијарди од државна кинеска компанија, така што првата фаза од изградбата на новиот град е подготвена.
Оваа идеја за нов главен град се појави во 2015 година. Владини претставници тврдат дека со новиот град ќе се решат пренаселеноста, загадувањето и високите цени на домовите во Каиро.
Градот кој ќе се протега на 700 квадратни километри ќе се прави во пустината што е на источната страна од Каиро, а во него е планирано седиштето на Владата.
Се предвидува во него да живеат до 5 милиони луѓе, да има над 1000 џамии, огромен модерен стадион и најголемиот парк во светот.
По пет години од денес, според проценките, може да се очекуваат први жители на овој град.




