Турските активисти повторно излегоа на масовни протести во Истанбул, неколку часа откако премиерот Реџеп Тајип Ердоган ги собра своите симпатизери во одморалиште, јавува Би-Би-Си.
Специјалната полиција употреби водени топови за да ги растера илјадниците луѓе кои се собраа во Истанбул, на плоштадот Таксим.
Додека полицајците во линија се движеа кон учесниците на протестите, демонстрантите почнаа да фрлаат црвени каранфили кон нив и скандираа „Полицијо, не го предавај својот народ“.
Ердоган на околу 15.000 негови приврзаници им изјави дека протестите беа предводени од меѓународен заговор, oдносно дека се жртви на подмолен план.
– Младите станаа жртва на таквиот подмолен план. Што требаше да прави полицијата? Дали тие места требаше да останат окупирани? запраша Ердоган, нагласувајќи дека полицијата си ја извршила својата должност.
Ердоган направи и паралела меѓу протестите во Турција и Бразил, обвинувајќи дека зад случувањата во двете земји стои ист центар на моќта.
Протестите се помирни од минатата сабота, кога полицијата го расчисти Гези парк во Истанбул, централната точка на немири.