Британската полиција го соопшти идентитетот на двајца од тројцата напаѓачи во Лондон и ги ослободи сите уапсени во врска со нападот.
Еден од атентаторите во Лондон, како што соопшти истрагата, е 27-годишниот Хурам Шазад Бут, Британец со пакистанско потекло, кој и бил познат на полицијата и на тајната служба МИ5 од порано, но немало знаци за планови за напад, соопшти полицијата.
Според британските медиуми, Бут минатата година можел да се види во документарен филм на британската телевизија со наслов „Џихадистите од соседството“.
Вториот напаѓач е Рашид Редуан, според полицијата бил Мароканец или Либиец, кој го користел и името Рашид Елкдар и друг датум на раѓање. Редуан и Бут живееле во лондонската населба Баркинг, каде полицијата спроведе неколку рации.
Нападот во Лондон во саботата вечерта го извршија тројца напаѓачи, кои со транспортно возило прво влетаа во пешаци на Лондон Бриџ, а потоа кај Бороу Маркет излегоа од возилото и без конкретна цел напаѓаа луѓе со ножеви.
Во нападот загинаа седум лица, а 48 се повредени. Осум минути по добивањето на повикот за итна помош полицијата ги застрела напаѓачите. Џихадистичката милиција „Исламска држава“ тврди дека нападот е нејзино дело.
Полицијата во врска со нападот уапси 12 лица, но во меѓувреме сите се ослободени без обвинение. Сите беа уапсени во неделата во населбата Баркинг, каде живееле двајца од тројцата напаѓачи.




