Бројот на загинатите во сообраќајната несреќа на романскиот автобус кај Морача, Црна Гора, достигна 18, а 28 лица се повредени, од кои некои тешко, јави денеска црногорската телевизија.
Во автобусот се превезувале туристи кои патувале на летување во Будва, а до несреќата дошло на патот меѓу Колашин и Подгорица, во кањонот Морача. Романскиот амбасадор во Црна Гора соопшти дека сите настрадани се романски државјани.
Автобусот излетал од тунелот, ја пробил оградата на почетокот на мостот и паднал во провалија на 30 до 40 метри од автопатот.
Црногорските медиуми јавуваат дека на местото на страотната несреќа се гледале телата на мртвите патници.
Спасувачките екипи направиле кордон за да се спуштат низ грмушките од каде ги ваделе повредените кои се наоѓаат во многу тешка состојба. Во 19 часот во близина на несреќата пристигнал хеликоптер со медицински екипи од цела Црна Гора.