Неколку дена по формалниот влез во НАТО, црногорските власти воведоа нова казна – за исмевање на Алијансата.
Како што пишува порталот Вијести, оној кој јавно ќе го исмева НАТО може да биде казнет со паричен износ од три до 10.000 евра.
Ваква казна постоеше и претходно, но се однесуваше на навредливиот однос за Обединетите нации, Меѓународниот црвен крст или другите меѓународни организации чија членка е Црна Гора, како и за државите со која Црна Гора има дипломатски односи, или нејзините грб, знаме или химна.
Вијести пишува дека тоа прашање е регулирано со членот 200 на Кривичниот закон „Повреда на угледот на странска држава или меѓународна организација“.
Оваа казна сепак нема да важи кога потсмевот со НАТО е во контекст на „сериозна критика во научно, книжевно или уметничко дело, во извршување службена дејност, новинарска професија, политичка дејност, во одбрана на некое право или заштита на оправдани интереси“.




