Почина бугарски пилот на воен хеликоптер кој денеска се урна во водите на Црно Море при воена вежба.
Останатите двајца од хеликоптерот кои го придружувале, се повредени но во стабилна состојба, јавија бугарските медиуми.
Пред падот околу 12.30 часот, хеликоптерот „Пантер“ имал мал судир со еден од бојните бродови што учествувале на воената вежба „Черно море 2017“ во моментот кога хеликоптерот вртел за да фати правец кон авиобазата „Чајка“, по што паднал во морето.
Во тој момент во леталото покрај сега покојниот пилот-капетан Георги Анастасов (38), биле и негови искусни колеги, на возраст од 49 и 50 години.
Кога бил донесен на военото пристаниште на пат кон Воената болница во Варна, Анастасов не дишел, срцето не му работело и бил во длабока кома. И покрај реанимацијата, лекарите не го оживеале.
Другите двајца пилоти-капетани се во стабилна состојба, но со проблеми со белите дробови, оти вдишале од чадот и гасовите од пожарот на хеликоптерот.




