Австрискиот министер за надворешни работи Михаел Шпинделегер денеска изјави дека Европската унија не треба да ги обновува преговорите за влез на Турција во ЕУ, додека „од Анкара не биде испратен сигнал дека е подготвена да му ги даде на турскиот народ заслужените права“.
Така Австрија се приклучи на Германија и Холандија, кои минатата недела изразија отпорот против можноста за обновување на преговорите со Турција за влез на земјата во европскиот блок.
Вчера, Конзервативната коалиција на германската канцеларка Ангела Меркел повторно се спротистави на приемот на Турција во Европската унија, бидејќи смета дека не ги исполнува условите за членство.
Во предизборната програма партијата на Меркел повикува на проширување на врските помеѓу Анкара и ЕУ и „блиска стратешка соработка“ во надворешната и безбедносната политика“. Во него, меѓутоа, се наведува дека влегувањето на Турција во ЕУ би ја „преоптоварило“ ЕУ.
Иако ова е изнесено во време кога турската влада е на мета на меѓународни критики поради сузбивањето на масовните протести, ставот е во согласност со погледите кои подолго време ги застапува канцеларката Меркел.