На Косово од синоќа на полноќ започна изборниот молк пред утрешните вонредни парламентарни избори.
Главни прашања во текот на кампањета, освен економијата беа три трите прашања кои беа причина за гласање недоверба на владата на Иса Мустафа: демаркација на границата со Црна Гора, формирање на Заедница на српски општини и трансформација на безбедносните и вооружените сили на Косово.
Аналитичарите сметаат дека идната политика на Косово ќе ја водат поранешните борци на ОВК кои ја направија политичката коалиција – Демократската партија, чиј лидер е Кадри Весели, Алијансата за иднината на Косово на поранешниот премиер Рамуш Харадинај, и Иницијативата за Косово НИСМА, кој ја предводи Фатмир Лимај.
Анкетите велат дека најголеми шанси за победа има Демократската партија, на сегашниот претседател Хашим Тачи, заедно со Алијансата на Рамуш Харадинај. Но, аналитичарите велат дека кој и да победи, во земјата нема да донесе ништо ново. Новата влада едноставно нема начин како да го подобри образованието, како да ги врати десетиците илјади граѓани кои во изминативе 2 години заминаа во ЕУ да бараат работа. Сиромаштијата уште долго ќе изнесува 30 проценти, а стапката на невработеност 33 проценти.
Во самата завршница на кампањата, телото за следење и контрола на изборите донесе одлука да ја казни Српската листа со 25.000 евра поради предизборен спор.
Во одлуката донесена по жалба на БИРН и Интернетњуз Косово се наведува дека во спотот се изнесуваат заканувачки пораки против формирање војска на Косово, се повикува на зачувување на српските институции на Косово, додека Косово се нарекува Косово и Метохија.
Како спорно се наведува и тоа што во спотот е користена картна на Србија на која е и Косово и дека таквите пораки промовираат и поттикнуваат омраза и провокации против постоењето на државата Косово.
Српската листа најави жалба до Врховниот суд на Косово поради погрешно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право.
Харадинај, кого Србија го бара поради воени злосторства над цивили, за косовската телевизија изјави дека Србија извршила злосторства, геноцид и стотина масакри на Косово и дека за тоа треба да се извини.
Тој рече и дека доколку биде избран за премиер Марко Ѓуриќ (директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија при српската Влада) и Александар Вулин (министер за труд) ќе бидат уапсени доколку влезат на Косово, тврдејќи дека тие извршиле агресија и дека во тие околности треба да се почитува законот и да се уапсат.




