Ватикан размислува да ги исклучи од Католичката црква сите мафијаши и корумпирани лица без оглед од која земја доаѓаат, пишува агенцијата АФП повикувајќи се на италијанските медиуми.
Идејата дошла на меѓународниот состанок во Светото седиште на Ватикан. Група од 50 високи црковни функционери од повеќе земји, помеѓу кои имало црквени великодостојници, судии, дипломати, полициски инспектори, дебатирале за меѓународната корупција.
Од состанокот е испратено соопштение во кое се вели дека е време да се продлабочи “на меѓународно ниво и во рамки на судската доктрина на Црквата, прашањето кое се однесува на исклучувањето поради корупција и мафијашко здружување”.
Папата Францис веќе ја исклучи, во 2014 година, моќната италијанска мафија Ндрангета.
Епископите на локално ниво веќе исклучувале мафијаши на Сицилија или во регионот на Напуљ и се прашуваат зошто тоа не би можело да се направи во цела Италија и во сите земји во светот:
“Групата експерти го отвори проблемот на трговците со дрога во Колумбија и Мексико. Нам ни е потребен еден вид “кривичен декрет”, правен формален акт, на национално и меѓународно ниво”, изјавил за Ла Стампа архиепископот Микеле Пениси, член на работната група.
Обвинителот на Калабриа Федерико Кафиеро де Рахо во истиот медиум подвлекува дека исклучувањето е важен сигнал бидејќи Црквата има големо влијание.
Весникот Ла Република вели дека станува збор за “историско свртување” кое на ист план ги става и мафијашите и корумпираните и потсетува дека исклучувањето е најтешката казна на Католичката црква за нејзините членови.




