Студентскиот пленум ќе биде дел од работната група која ќе работи на измени во Законот за високо образование, информираше денеска министерката за образование и наука, Рената Дескоска по средбата со претставници на студентската организација.
Како што рече таа, како автентично движење кое го претстави својот револт за неопходните реформи во образованието, Пленумот треба да биде дел од групата која ќе ги подготвува измените.
„Се што било досега изработено, ние ќе го искористиме како појдовна основа, но во работната група ќе биде отворена можноста и за изворно истакнување на ставовите на студентите коишто ќе бидат земени во предвид“, рече Дескоска.
Претставничката на Пленумот, Деа Здравковска потенцираше дека после три години борба, конечно некој од Министерството ги викнал на средба.
Според неа, најголем проблем е студентското организирање и нефункционалноста на студентските правобранители.
„Ќе ја мотивираме самата министерка да работи во тој процес. Сакам да потсетам дека Студентски пленум не се формираше за да ја бутне претходната власт, туку да ја критикува секоја онаа што носи непросмислени и лоши реформи кои немаат позадина во областа на образованието. Затоа, ќе ја потсетуваме новата министерка дека ние сме тука кога ќе направи некој лош чекор“, изјави Здравковска.
Покрај ова, студентите и министерката разговарале и за начинот на студирање и студентскиот стандард.