Во она што се чинеше како предвидливо, фудбалската репрезентација на Шпанија му се приклучи на Бразил во финалето што ќе се одигра на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро.
Денес, во фудбалскиот натпревар помеѓу Шпанија и Италија одигран во Форталеза, победникот се решаваше на пенали, откако и во регуларните 90 минути, и во продолженијата два пати по 15, се играше без голови.
Во пенал рулетот, трагичар за италијанскиот состав беше играчот на Јувентус, Леонардо Бонуки, а по последниот удар од белата точка на засилувањето на Сити, Хесус Навас, натпреварот заврши 7-6.
Италија, без еден од своите клучни играчи, Марио Балотели, сепак беше достоен противник. Статистиката покажува дека се играше израмнет натпревар во кој и двете репрезентации погодија статива.
Претходно, на вчерашниот натпревар во јужноамериканската пресметка, Бразил го совлада Уругвај со 2-1 а стрелци на погодоците беа Фред и Паулињо за Бразил, и Кавани за Уругвај.
Вчерашниот натпревар се играше исто така во израмнет ритам.
Финалето Бразил-Шпанија ќе се одигра на 30 јуни.