Северна Кореја објави дека успешно тестирала ракета со среден дострел. Ракетата паднала во Јапонско Море откако прелетала 930 километри за 37 минути.
Претседателот на САД Доналд Трамп реагираше на Твитер:
“Можеби Кина ќе преземе сериозни чекори кон Северна Кореја и ќе заврши со овие глупости еднаш за секогаш.”
Трамп со твит исто така се праша дали лидерот на оваа земја Кин Јонг Ун навистина нема ништо друго да прави освен да тестира ракети.
На ракетното тестирање реагираа соседните земји, пред се претседателот на Јужна Кореја, Мун Је-ин.
“Длабоко сум разочаран од ракетната проба, извршена неколку денови откако со американскиот колега Доналд Трамп апелиравме за воздржаност на Северна Кореја”, истакна Мун на почетокот на вонредната седница на јужнокорејскиот Совет за национална безбедност.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе изјави дека новото ракетно тестирање на Северна Кореја е растечка закана а Пјонгјанг не обрнува внимание на предупредувањата од меѓународната заедница. Тој ги повика Кина и Русија да играат поконструктивна улога за севернокорејското прашање.
Белата куќа се уште официјално не реагирала на ракетната проба на Пјонгјанг.




