Србија започнува преговори за членство во ЕУ
Европскиот совет денeска донесе одлука за отпочнување на пристапни преговори со Србија најдоцна во јануари 2014 година. Преговарачката рамка која во меѓувреме треба да ја донесе Европската комисија а во контекст на имплементацијата на Бриселскиот договор меѓу Белград и Приштина до почетокот на наредната година уште еднаш треба да биде потврдена од Советот на министрите на ЕУ.
Првата меѓувладина конференција со Србија ќе се одржи најдоцна во јануари 2014 година.
Во исто време потврден е мандатот за преговори со Косово за Договор за стабилизација и асоцијација , изјави претседателот на Европскиот Совет Ван Ромпуј оценувајќи ја денешната одлука како историска. Во тој контекст тој за понеделник ја најави неговата посета на Белград и Приштина.
Ова е навистина историски момент. Не треба да заборавиме што се случуваше неодамна во тој дел на Европа. Тоа беше една од најагресивните војни а сега отвараме преговори со Србија, изјави претседателот на ЕК , Мануел Баросо.
Честитки во Србија и нејзините граѓани упати и генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмунсен.
Одлуката на лидерите на ЕУ покажува што може да се постигне со реформи и дијалог, се вели во честитката на Расмунсен.
Српскиот премиер Дачиќ рече дека ова е историски ден за Србија иако според неговите зборови преговорите смета дека би можеле да започнат и пред јануари 2014 година.
Србија го пресврте текот на својата модерна историја . Никогаш повеќе нема да бидеме изолирани и уморни и распнати помеѓу исток и запад, изјави вицепремиерот на српската влада Александар Вучиќ.
Македонија како што и се очекуваше воопшто не се најде на дневиот ред на Eвропскиот Совет. Портпаролот на ЕК, Петер Стано изјави дека тоа е одлука на земјите членки на ЕУ а не на ЕК. Во изјавата за НОВА дополни дека од Македонија се очекувало да ги реализира порано обврските превземени од 1 мартовскиот договор меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ со кој беше предвидено пред денешната седница на Европскиот Совет анкетната комисија за настаните од 24 декември да донесе и некои заклучоци околу причините за овие инциденти.