Доколку Србија биде принудена да избира помеѓу блиските врски со Русија и членството во Европската Унија, ќе се одлучи за ова второто, изјави премиерката на Србија Ана Брнабиќ, во интервју за американската новинска агенција „Блумберг“, пренесува српската државна телевизија РТС.
Брнабиќ вели дека како премиерка ќе го продолжи патот кој го почна нејзиниот претходник, сега претседател на Србија, Александар Вучиќ, и ќе ја подготви земјата за членство во ЕУ до 2020 година, кога и завршува мандатот.
-ЕУ е местото каде што одиме – тоа е јасно, вели Брнабиќ.
Според Брнабиќ Србија има емотивни врски со Русија поради традицијата, културата и верата, укажувајќи дека голем број граѓани во земјата во целост ја доживуваат Русија како „поголем брат и заштитник“ и дека овие чувства не можат да се занемарат, „но стратешкиот пат на Србија е кон ЕУ“.
Прашана за тоа дали ќе може да донесува одлуки без надзор на Вучиќ, Брнабиќ за Блумберг изјавила дека „би била изненадена кога не би можела“.




