Се скараа двајцата први луѓе на ЕУ. Претседателите на Европската комисија (ЕК) и на Европскиот парламент (ЕП) Жан-Клод Јункер и Антонио Тајани денес разменија остри зборови во пленарната сала на ЕП во Стразбург. Причина – празната пленарна сала за време на дебатата за малтешкото претседателство со ЕУ кое заврши на 1 јули.
“Парламентов е смешен, несериозен”, изјави Јункер од говорницата. На сесијата имаше одвај 30 пратеници од вкупно 751.
“Ако тука денес беа германската канцеларка Ангела Меркел или францускиот претседател Емануел Макрон, салата ќе беше полна”, рече Јункер во неговиот познат отворен стил. И додаде дека повеќе “нема да учествувам на слични состаноци, потребно е за да се има почит и кон малите држави”.
Тој беше прекинат на два пати од Тајани кој инсистираше Јункер да ги смени овој тон кога зборува за оваа институција. И потсети дека ЕП ја контролира ЕК а не обратно.




