Весникот Њујорк Тајмс денеска излезе со сериозни обвинувања на сметка на синот на американскиот претседател Доналд Трамп, Доналд Трамп Јуниор, дека знаел оти Русија има намера да му помогне на неговиот татко да победи на претседателските избори во ноември лани.
Пред средбата со рускиот адвокат поврзан со Кремљ за да ги добие ветените податоци за Хилари Клинтон, синот на американскиот претседател бил известен со електронска пошта дека тој материјал е дел од напорите на руската Влада да му помогне на неговиот татко во претседателската кампања, пренесува весникот.
Трамп помладиот за тоа бил известен со и меил од публицистот и некогашниот таблоиден репортер Роб Голстоун, пишува весникот, повикувајќи се на три неименувани лица.
Состанокот на Трамп помладиот, руската адвокатка Наталија Веселницкаја и шефот на претседателската кампања пол Манафорт бил организиран по барање на Голдстоун, кој е семејно поврзан со бизнисот на Трамп, пренесува агенцијата АП.
Голдстоун во понеделникот за АП потврдил дека организирал состанок во име на својот клиент, но не ја објавил содржината на пораката за која пишува Њујорк Тајмс.
Трамп помладиот потврдил дека бил заинтересиран за информациите кои би биле на штета на Клинтон, но не и дека мислел оти Веселницкаја е поврзана со Кремљ.
Во пораката која Голдстоун му ја испратил на Трамп помладиот, а за која пишува Њујорк Тајмс, се укажува дека руската Влада е извор на потенцијално штетната информација.
Весникот Њујорк Тајмс во саботата започна да известува за состанокот што е одржан во јуни 2016 во Кулата на Трамп во Њујорк.
Адвокатот на Трамп помладиот Алан Футерфас изјавил дека неговиот клиент не направил ништо лошо и дека е подготвен на соработка со истражителите доколку биде повикан.
Најстариот син на американскиот претседател потврди во текот на викендот дека се сретнал со еден руски адвокат набрзо откако неговиот татко ја доби номинацијата од Републиканската партија, додавајќи дека се надевал дека ќе добие информции кои ќе у помогнат во кампањата.
Трамп помладиот се согласил на таков состанок откако му било ветено дека ќе добие информации кои ќе и наштетат на тогашната ривалка на Трамп.
Наталија Веселницкаја наводно на состанокот тврдела дека има информација дека „поединци поврзани со Русија го финансираат Демократскиот национален комитет“ и ја поддржуваат Хилари Клинтон.
-Никакви детали за поддршка не се дадени ниту поддржани. Многу брзо стана јасно дек таа нема значајни информации, изјави најстариот син на американскиот претседател.




