Има ли позадина, некакви скриени намери или пак е отворен повик за пружање рака кон Македонија- тоа е клучното прашање за анализа и дебата после трилатерална средба во Солун на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, неговиот бугарскиот колега- Бојко Борисов и српскиот претседател, Александар Вучиќ, кои понудија заеднички став дека “стабилизација во Македонија и суштински дијалог за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за спорот со името се предуслов за целосна поддршка од Грција, Србија и Бугарија за евроатлантските перспективи на Македонија”.
Поранешниот министер за надворешни- проф. Љубомир Фрчкоски за НОВА е одлучен во ставот дека “трилатерални средби како оваа на релација Србија- Грција- Бугарија на ниеден начин не можат да создадат параноја за историска коалиција на штета на Македонија”:
-Македонија има јасна надворешно-политичка агенда, дури и независно по изјавите на Дачиќ, а кои се однесуваат на каењето што Србија ја призна Македонија под уставното име. Немаме причина за заострување на односите со Србија и другите соседи, дури и независно од некои изјави на нивни политичари.
Фрчкоски овој став за водење долгорочно мудра добрососедска политика и неосврнување на некои изјави кои може да вжештат нечии глави го образложува со два приоритети кои мора да се имаат на ум: Првата е целта кон ЕУ и НАТО, неопходноста да се вратиме на добрите позиции и цврсто инсистирање на таа линија. Втората Фрчкоски ја гледа во приоритетот Коридор 8- подобрување на односите на релација Софија- Тирана.
-Македонија треба да го развие и за нас е од апсолутен приоритет да го избалансираме крстопатот кој ќе оди на наша територија економски, политички, енергетски и на секој можен начин.
Токму затоа, Фрчкоски заклучува дека “ние сме во улога на добрите момчиња во меѓународната политика и ниту една изјава или екцес не може да ја поремети нашата политика кон соседите – за добрососедство, како и нашите приоритети”.
Сличен став- за доверба и отвореност кон соседите има и поранешниот амбасадор во Софија, проф. Ѓорѓи Спасов, кој вели дека “за разлика од многумина, јас мислам дека средбата на премиерите Ципрас и Борисов со претседателот на Србија, кој е всушност истовремено и премиер на Србија, е корисна за Македонија”:
-Ние треба да научиме дека секоја таква средба не е по автоматизам некаков “договор на соседите зад грбот на Македонија” , ниту пак е “сигурен знак за тоа дека ги координираат своите политики против Македонија”. Политиката на Македонија, која во соседите гледаше само “волци” а во Европа ништо повеќе од “блудница Вавилонска” мора да биде напуштена и заменета со политика на доверба и отвореност кон соседите.
Ние ние мора да ги убедиме во тоа дека Македонија се трансформира во модерна европска земја и нација која е инсистира само на почитување на меѓународното право и на европските вредности во остварувањето на соработката.
Оттука, за Спасов “пораките од трилатералната средба на соседите во Грција,за Македонија се позитивни и охрабрувачки”.
-Сите наши соседи очигледно забележале дека по промената на власта кај нас расте меѓународната подршка на земјата да стане членка на НАТО и на ЕУ.
Бугарија отворено ја подржува земјата на тој пат и се противи на некакви игри за создавање на некаква “нова Југославија” од земјите на Западен Балкан.А тоа е добро за Македонија. Грција дава отворена подршка за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ но не кажува ништо ново кога вели дека треба да се изнајде решение за спорот со името. А Србија сето тоа го подржува наспроти нејзината блискост со Русија која се противи на членството на Македонија во НАТО и наспроти идеите за создавање на некаков балкански сојуз на држави кои со Србија би прогласиле “воена неутралност”.
Спасов дури е и поостар кога станува збор за “оние аналитичари и политичари во Македонија кои во таквите средби на соседите гледаат како на некаква опасност за Македонија заради нивните “скриени намери да ја поделат” остануваат на позицијата од пред еден век која долго се екплоатираше од големосрпската политика и од националистичките влади во Македонија”.
За разлика од Фрчкоски и Спасов, поранешниот амбасадор во Атина Љупчо Арсовски гледа скриени намери во оваа трилатерална средба, водејќи се од историските искуства на Македонија со соседите:
-На 13 јули во Солун се одржа една средба во чуден формат на тројца политчари и лидери на партии во чуден амбиент со чудни изјави на позната тема.
,, Eден претседател на држава , еден премиер на земја во крајна економско –финасиска криза и еден премиер кој сака да застапува проевропски менталтет, имаат заедничка основа за да порачаат …(цитирам) ,, дека е неопходно да има суштински дијалог за наоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името, што е предуслов за целосна поддршка од трите земји за евроатлантските перспективи на Македонија……..(Според атински ,,Катимерини,,), вели Арсовски.
Во ваков распоред на сили , амбасадорот Арсовски вели дека “повеќе од јасно е дека овде е иницијатор грчката страна , а српската игра со обично старо српско оро кое дури и со лоша песна неколку пати повторена од српскиот министер за надворешни работи во Белград и неодамна во Атина (каде што и го подготвувал доаѓањето на Претседателот Вучиќ). Затоа Ципрас порачува: … Грција, Бугарија и Србија можат да играат клучна улога како стабилизирачки фактор во регионот, а Европската комисија ја поддржува европската перспектива на Балканот.”
Арсовски ја повикува ЕУ отворено да и објасни на Македонија кои се вистинските намери, но и го потсетува официјален Брисел за историските неправди кон земјава, водени од желба да биде покорена:
-На Европската комисија треба да и јасно дека овие три земји имаа 25 години можност за соодветни и вистински и пријателски чекори а покажаа малку или повеќе спротивни и негативни активности обвиени со национализам, со своја стара историја и желба за ,,покорување,, на еден свој сосед во случајов Република Македонија , која не ја повикуваат на средбата. Тоа е непримерно гледање на работите затоа што две од нив се полноправни членки на НАТО и ЕУ а третата не е сосед со Грција освен ако сакаат повампирување на Договорот од Букурешт од 1913 година.
Бугарските изјави на Борисов за инфраструктурано поврзување пак, Арсовски ги чита помеѓу редови, дефинирајќи ги само како фраза:
-Инаку таму изразениот сон на вугарскиот премиер за потребата од инфраструктурно поврзување со патишта и железници како еден од приоритетите за време на бугарското претседавање со Европската Унија е повторно само фраза или сега гледаат на нашите 70 милиони кои и се доделени на Средбата во Трст и кои се наменети за пругата со Бугарија. Премногу тенко, премногу , наивно, премногу некоректно.
Оттука, Арсовски прави краток пресек на внатрешните состојби во соседните земји- вели дека “на Ципрас му се тресе тлото под нозете од економско –финасиски земјотрес во својата земја и тоа во континуитет , кој ке предизвика можеби негов брз пад а младиот Мицотакис веќе го надмина во популарноста. Вучиќ пак е е во слична своја каша дома а Борисов го очекува скора посета во Република Македонија”.
Eкс-амбасадорот во Атина, Арсовски, бара од Брисел, кој “сега e на потег- да дообјасни што значи оваа солунска средба со вакви изјави на средбата со медиумите”.