„Крајниот законски рок за исплата на субвенции за 2012 година, 30 јуни измина, а Владата не им ги исплати парите на земјоделците. Последните исплати беа пред изборите и оттогаш земјоделците и агробизнисмените немаат добиено ниту денар. Според нашите проценки за исплата има уште најмалку 50 милиони евра. Парите си ги чекаат сточарите, лозарите, градинарите, поледелците, овоштарите како и дел од тутунопроизводителите“, изјави пратеничката Ленче Николовска, Претседател на Собраниската комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според неа ова е уште еден доказ за погубната аграрна политика на Владата на Груевски. Субвенциите се користат единствено за корупција на земјоделците и купување на избори, додека домашното производство пропаѓа, а увозот на храна драстично расте.
„Моменталната состојба во земјоделството е катастрофална, земјоделците ораат со скапа нафта, градинарите се жалат на нерешениот пласман, на лозарите со години не им е платено грозјето, жетвата на пченицата е неизвесна, откупувачите ги уценуваат, а тие се незаштитени од страна на државата, констатира Николовска.
Таа упати апел до Владата веднаш да ги исплати субвенциите на земјоделците и агробизнисмените и со тоа да им помогне во овие тешки услови за стопанисување.
„Земјоделските субвенции се обезбедени со закон но тие мора да се даваат навреме тогаш кога на земјоделците им се најпотребни, за да може субвенционирањето да има развоен ефект“, истакна Претседателката на Собраниската комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.