https://www.facebook.com/damira.kalajzic/videos/10155623142954571/
Најмалку 80 лица се повредени во пожарите што горат од вчера утрото во северните и источните предградија на Сплит.
Поголемиот број од повредените се пожарникари. Според локалните власти, сите повредени се надвор од животна опасниост.
На подрачјата зафатени од пожарите околу Сплит се распоредени 384 пожарникари со 102 пожарникарски возила од 21 станица, а до седум часот полетаа три канадери, соопшти Жупанискиот противпожарникарен оперативен центар во Сплит.
Пожарот кој веќе повеќе од 24 часа беснее во Сплит и околината досега предизвика голема материјална штета и оштети или уништи објекти во повеќе населби на периферијата на вториот по големина град во Хрватска.
Делови од градот се без вода и струја, а стотина граѓани побарале лекарска помош поради проблеми со дишењето, труење и изгореници.
Социјалните мрежи се полни со фотографии и снимки од сведоци од катаклизмичкиот пожар кој вчера го зафатил Сплит и околината. На Фејсбук се појавуваат снимки и фотографии кои ги направиле граѓани, а кои ги откриваат размерите на катастрофалниот пожар.
Покрај бројните пожарникари, сезонци, војници и граѓани, бесниот пожар во Сплит и околината од вчера го гасат и припадници на навивачката група Торцида, на кои денес треба да им се приклучат и навивачи од Загреб, Ријека и Осијек.
И делови од Црна Гора беа зафатени од пожари. Најкритична беше состојбата во околината на Тиват и Бока Которска.
Пожарот на полуостровот Луштица во Црна Гора и натаму им прави проблеми на пожарникарите. “ТВ Вијести” го пренесува соопштението од Директоратот за вонредни ситуации при тамошното МВР, дека ако ветерот продолжи да дува со сегашното темпо, огнот многу брзо ќе дојде до куќите. НАТО и сојузниците најавиле дека ќе помогнат во гасењето на пожарот.
Директоратот за вонредни ситуации соопштил дека има активен пожар и на подрачјето на Тиват и дека екипите се на терен. Пожарот на полуостровот Луштица изби во понеделникот. Според најновите информации, два нови пожари избиле утрово.





