Францускиот министер за економија, Бруно Ле Мер, изјави дека Велика Британија треба да го исплати тоа што и го должи на Европската Унија, и дека тоа е предуслов за разговорите за Брегзит, што не подлежи на преговори, пренесоа британските медиуми.
– Ќе го кажам тоа што Маргарет Тачер сакаше да го кажува: Си ги сакаме парите назад, рече Ле Мер, одговарајќи на прашања на пратениците од комисијата за економски прашања во францускиот Парламент.
„Можеме да дебатираме за сумата, но фактот дека Обединетото кралство треба да го плати тоа што го должи во буџетот на ЕУ е претходен услов што не подлежи на преговори за почетокот на дискусиите (за Брегзит)“, подвлече тој.
ЕУ сака Лондон да признае дека го должи својот дел од обврските за расходите, преземени од ЕУ за време на британското членство.
Според Ле Мер, оваа сума може да достигне и до 100 милијарди евра.
Британската премиерка Тереза Меј претходно му порача на Брисел дека наместо Велика Британија да и исплати долгови на ЕУ, би можело да се случи Лондон да бара пари назад од Унијата.
Во текот на предизборен митинг, Меј изјави дека сака од ЕУ да и бидат вратени околу десет милијарди фунти, или приближно 12 милијарди евра.
Изјавата за побарувањето, наместо за долговите, доаѓа по бројните „лицитирања“ во европските и посебно во британските медиуми околу тоа колкава ќе биде на крајот сметката од „разводот“ на Лондон и Брисел.




