ЕУ не може да се меша во судството, но со загриженост го следи случајот со притворениот новинари Томислав Кежаровски, соопштува Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Кежаровски чии претставници денеска на пладне имаа средба со евроамбасадорот Авио Орав.
„Ние сме земја кандидат за членство во Европската унија и идејата беше да го информираме амбасадорот на ЕУ Авио Орав за притворот на колегата Томислав Кежаровски за кој сметаме дека е неправеде. Тие, се разбира не можат да се мешаат во судството, но со загриженост го следат случајот со притворениот новинар“, изјави Зоран Димитриевски, главен и одговорен уредник во „Нова Македонија“.
Средбата траеше повеќе од еден час, а со Орав разговараа Насер Селмани од МИМ, Тамара Чаусидис од ССНМ, Жанета Трајковска од МИМ, Зоран Димитриевски и Фросина Цветковска од „Нова Македонија“.
Утре во 10 часот претставници од Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Кежаровски ќе имаат средба со Народниот правобранител Иџет Мемети.