Организацијата реагира на измените во програмата за сеопфатно сексуално образование, од која се отстрануваат или се разводнуваат содржини за родова еднаквост, контрацепција и сексуално и репродуктивно здравје.
ХЕРА остро реагира на измените во програмата за сеопфатно сексуално образование, која сега е преименувана во „Здравје и заштита нa здравјето“. Според организацијата, со ревидираната програма се отстрануваат или се разводнуваат важни образовни содржини поврзани со родовата еднаквост, контрацепцијата и сексуалното и репродуктивното здравје, со што се ограничува пристапот на младите до научно засновани информации неопходни за нивната безбедност и здравје.
Од ХЕРА оценуваат дека не станува збор само за промена на терминологијата, туку за одлука што може да има директни последици врз знаењето и способноста на децата и младите да препознаат ризици и да се заштитат.
„Кога од образованието се отстрануваат научни поими и се ослабуваат содржините за превенција, децата не стануваат позаштитени. Напротив, им се одзема можноста навреме да научат како да препознаат насилство, да постават лични граници, да се заштитат од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции и да побараат помош кога им е потребна“, наведуваат од организацијата.
Како примери за можните последици, ХЕРА посочува дека девојчињата кои се соочуваат со контрола, притисок или насилство во врските може потешко да препознаат дека станува збор за неприфатливо однесување, додека момчињата може да останат без доволно можности критички да ги преиспитаат наметнатите родови стереотипи. Дополнително, младите кои имаат прашања за контрацепцијата и сексуалното здравје може да се потпрат на интернет-извори, каде што се изложени на дезинформации и непроверени совети.
Особена загриженост, според ХЕРА, предизвикуваат податоците за сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца со помош на технологија. Организацијата наведува дека 10 проценти од децата на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија, односно речиси 12.000 деца, биле изложени на вакви форми на злоупотреба во период од само една година.
Според податоците што ги наведува ХЕРА, осум проценти од децата биле изложени на сексуални слики, пет проценти добиле несакани барања за интимни фотографии или видеа, четири проценти биле уценувани со закани за објавување нивни интимни содржини, а кај три проценти таквите содржини веќе биле споделени без нивна согласност.
Дополнително, во 78 проценти од случаите сторителот е лице што детето го познава, додека 52 проценти од случаите на сексуална експлоатација се случуваат преку социјалните мрежи и апликациите Instagram, Snapchat, TikTok и WhatsApp. Наспроти овие ризици, само 19 проценти од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование.
ХЕРА укажува и на податоците за сексуалното и репродуктивното здравје, според кои во 2024 година биле родени 588 деца од мајки на возраст од 15 до 19 години. Организацијата посочува и дека во само еден месец биле регистрирани 11 нови случаи на ХИВ.
Измените во наставната програма, според ХЕРА, следуваат по јавни притисоци од верски и конзервативни кругови. Организацијата нагласува дека секој има право на верско убедување и јавно изразување на своите ставови, но дека тие не треба да ја определуваат содржината на јавното образование во секуларна држава.
„Црквата има право да ги застапува своите верски учења, но нема мандат да ја заменува науката во училниците. За наставните програми треба да одлучуваат надлежните институции врз основа на научни докази, педагошка експертиза, јавното здравје и најдобриот интерес на детето, а не под притисок на религиозни или идеолошки групи“, наведуваат од ХЕРА.
Организацијата се повикува и на научните сознанија и препораките на Светската здравствена организација и УНЕСКО, според кои квалитетното и возраста соодветно сеопфатно сексуално образование им помага на младите да донесуваат информирани одлуки, да градат здрави односи и да ги намалат ризиците од сексуално насилство, несакана бременост и сексуално преносливи инфекции. Од ХЕРА нагласуваат дека, спротивно на често распространетите дезинформации, ваквото образование не ги поттикнува младите порано да започнат со сексуални односи.
ХЕРА бара од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието да ја преиспитаат ревидираната наставна програма и да ги вратат научно заснованите содржини за родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, контрацепција и превенција од родово засновано насилство.
„Децата имаат право на знаење, а не на цензурирана реалност. Имаат право на заштита, а не на премолчување на ризиците со кои се соочуваат“, порачуваат од ХЕРА, барајќи идните наставни програми да се развиваат врз основа на научните сознанија, човековите права и најдобриот интерес на децата.
Организацијата бара и јавно образложение за стручните анализи и препораките врз основа на кои се направени измените, како и транспарентна ревизија со учество на експерти од образованието, здравството, психологијата, родовите студии и организациите што работат со младите.
ФРОНТЛАЈН ПРЕС
Илустрација: Classroom Stock photos by Vecteezy




