Полскиот претседател стави вето на два од три закони за реформа на судството. Анджеј Дуда изјави дека се согласува со тоа дека се потребни промени, но не и со предлогот јавниот обвинител да биде истовремено и министер за правда. Тој рече дека е во консултација со правници за законите кои беа донесени по итна постапка, без согласност на опозицијата и среде големи граѓански демонстрации против.
-Жалам што Законот за Врховниот суд не ми беше претставен во фаза на предлог, и затоа одлуката е следна: Ставам вето на Законот за Врховниот суд и истовремено на Законот за Национален судски совет, изјави Дуда.
Веќе деветти ден по ред траат протестите на десетици илјади Полјаци во над 80 градови, како и пред полските амбасади во 20 градови на Европа, барајќи од претседателот да стави вето на трите закони.
Со законите се реорганизира работата на судовите, се воведува политички номинации во Националниот судски совет кој досега го бираа судиите самостојно, а кој ја надгледува независноста на судовите од политичарите и се распушта Врховниот суд за новите судии да ги бира министерот за правда.
Ветото на шефот на државата значи дека овие два клучни закони кои предизвикаа најмногу протести ќе мора повторно да влезат во Парламентот. Власта ќе треба да се обиде да обезбеди квалификувано мнозинство од три петтини за да го надгласа ветото, но власта во моментов тоа не може да го обезбеди.
Шефот на полската дипломатија Витолд Вашчиковски ги обвини десетициите илјади Полјаци низ земјата кои 9 дена протестираат за независни судови и бараат вето од претседателот, Според него тоа е само маска, а тие всушност сакаат да ја урнат Владата.
Веднаш по ветото на Дуда, вредноста на полската валута злот порасна во однос на еврото.




