СФР Југославија можеше да биде членка на Европската унија доколку не бeше Слободан Милошевиќ, изјави поранешниот претседател на Хрватска и последен претседател на Претседателството на СФРЈ, Стипе Месиќ.
Изјавата на Месиќ следува по обраќањето на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, на свеченоста за влезот на Хрватска во Европската унија. Тој во излагањето вели дека се „сеќава на земјата што се викала Југославија“ и оти секогаш мисли и се прашува зошто ни требало сево ова кога сме можеле како таква заедничка земја да влеземе во ЕУ.
– Секако дека можевме. Но никој не беше задоволен со таквиот модел на федерација на Југославија. Требаше да се постигне нов политички договор. Тоа значеше дека ако не може федерација, тогаш може конфедерација на рок од три до пет години. Потоа, ако видевме дека работите функционираат, да го продолжевме конфедералниот договор, а ако не, секој по својот пат. А целта е Европа – изјави Месиќ за загрепскиот портал Индекс.
– Милошевиќ сакаше врз урнатините на Југославија да создаде голема Србија! Го лажеше светот дека се бори за Југославија затоа што на тој начин добиваше меѓународна поддршка, а Србите ги лажеше дека сите ќе живеат во една држава – наведува Месиќ, додавајќи дека сето тоа завршило катастрофално.