Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со убедливо мнозинство гласови вчера изгласа дополнителни санкции за Русија, Иран и Северна Кореја, и покрај противењето на претседателот Доналд Трамп.
За санкциите гласале 419 членови, а само тројца биле против.
За да бидат воведени, за санкциите треба ги усвои и Сенатот, пред законот да го потпише Трамп. Белата куќа соопшти дека Трамп се уште не одлучил дали ќе стави потпис на законот.
Рускиот пратеник Константин Косачов кој важи за влијателен член на горниот дом на рускиот Парламент на Фејсбук напиша дека Русија треба да подготви остар одговор на новите американски санкции.
Заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Москва на Вашингтон гледа како на извор на опасност и треба да делува во тој правец.
Усвојувањето на законот, според него, е свесен избор на непријателите на Русија во САД кои во својот жар ги преминале сите граници, изјавил за Тас.
Рјабков на овој потег на САД гледа како на уништување на изгледите за подобри односи со Русија, додавајќи дека ова што се случува е надвор од здравиот разум.





