Договорот што Македонија и Бугарија ќе го потпишат на 1 август претставува сериозен исчекор во перспективите за граѓаните на двете држави, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција на која пред новинарите го презентираше Договорот за добрососедство.
Тој рече дека овој договор е во согласност со националните интереси на Македонија и е голем чекор кој одговара на интересите на народите и на двете држави.
„Договорот е во согласност со националните интереси и е одраз на новиот дух на политичари, кои градат мостови, а не ги уриваат. Како премиер и Влада сме цврсто решени да водиме политики кои решаваат, а не создаваат прооблеми. Договорот го усогласивме затоа што имаме сосед со добра волја за да затвориме прашања кои ни го одземаа времето и енергијата, рече Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање дали поради договорот ќе се врши цензура во медиумите и дали новинарите ќе имаат проблем со слободата на говорот и изразувањето, Заев рече дека овој договор само ги афирмира европските и универзалните демократски вредности.
„Денешната прес-конференција е само начин за медиумите да можат да ја завршат својата работа и да ги информираат граѓаните. Затоа и јавно го објавуваме договорот. Ако се случи на било кој начин предизвикување на омраза од наша страна владата ќе се огради од ваквите постапки затоа што тоа нема да биде во духот на соработката и добрососедството кое ние се обидуваме да го постигнеме со овој договор“, одговори Заев.
Премиерот, одговарајќи на новинарско прашање, исто така рече младите од Македонија ќе имаат многу придобивки со овој договор.
„Овој договор меѓу другото ќе помогне за миграцијата да биде стопирана. Договорот не приближува до ЕУ и НАТО. Но тоа е во правец на целта која сакаме да ја стопираме. Договорот отвора цел сноп на перспективи за Македонија кои се однесуваат за сите граѓани и младите. Трговската размена ќе значи и повеќе работни места, повеќе бизнис и културни вредност за младите, транзитирање и туризам. Сето ова помага за младите да размислат и да одлучат да не ја напуштат татковината“, истакна Заев.
На новинарско прашање дали во Договорот се заштитуваат правата на македонското малцинство во Бугарија, Заев рече дека тој нема на противречи на ниту еден постоечки билатерален или мултилатерален договор на двете земји и е во согласност со меѓународните конвенции и почитувањето на правата и преземените обврски.