Европската комисија (ЕК) отвори прекршочна постапка против Полска поради еден од контроверзните закони за реформа на судскиот систем.
“Европската комисија отвора прекршочна постапка против Полска преку официјално писмо за известување по објавувањето на 28 јули во полскиот Службен весник на Законот за организацијата на општите судови”, се вели во соопштението на комисијата.
Брисел и дава на Полска рок од еден месец за да одговори. Процедурата може да доведе до финансиски санкции.
На 25 јули, претседателот на Полска Анджеј Дуда го потпиша законот кој му дава на министерот за правда овластувања да назначи и разреши претседателите на општите судови. Парламентот го усвои текстот на 12 јули а вчера објавен во Службениот весник на Полска.
Дуда сепак стави вето на два други контроверзни закони за судските реформи – законот за Врховниот суд и за Националниот совет на магистратурата – кои предизвикаа бран протести во Полска и иницираа критики од страна на меѓународната заедница.
Во средата Брисел го заостри тонот кон Варшава и изјави дека подготвен веднаш да го активира членот 7 од Европската повелба со кој се суспендира правото на глас на една земја членка. Варшава ова го нарече “уцена”.
Активирањето на членот 7 минува преку комплексна процедура за да биде применет и претставува повеќе вербална закана. Членот 7 досега никогаш не бил употребен во историјата на ЕУ и го носи прекарот “нуклеарка” против една земја членка.




