Јапонија денеска одбележува 72 години од нуклеарниот напад на Хирошима, а како што напомена премиерот Шинзо Абе во говорот во Мировниот меморијален парк Хирошима, неговата земја се залага за свет без нуклеарно оружје.
– За да дојдеме до свет без нуклеарно оружје, потребно е учеството на земјите кои имаат нуклеарно оружје и оние земји кои го немаат. Јапонија на тој пат ги охрабрува и едните и другите земји, порача Абе.
Годишнината на одбележувањето на нуклеарниот напад на Хирошима се одржува по еден месец откако Јапонија застана зад Велика Британија, Франција и САД во отфрлањето на Спогодбата на ОН за забрана на атомското вооружување, што од критичарите беше оценето како игнорирање на реалноста во која постојат безбедносни закани.
На 6 август 1945 година американскиот бомбардер наречен „Enola Gay“ фрли бомба врз градот усмртувајќи директно 140.000 луѓе, а три дена подоцна иста бомба во Нагасаки одзема 70.000 животи.
Јапонија во 2007 година поднесе резолуција до Обединетите нации со која повикува на целосно укинување на нуклеарното оружје.




