Поранешниот српски министер за надворешни работи и лидер на Српското движење за обнова (СПО), Вук Драшковиќ смета дека Србија треба да ја прифати и признае реалноста на Косово.
– Реалноста е дека независноста на Косово денес ја признаваат огромно мнозинство од членките на ОН и на ЕУ, дека Меѓународниот суд на правдата заклучи дека со прогласувањето на косовската независност не се прекршени ниту Повелбата на ОН, ниту меѓународното право, ниту Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и дека околу 90 проценти од жителите (во Косово) се Албанци, а само помалку од шест проценти се Срби, наведува Драшковиќ во авторски текст во денешниот број на весникот „Блиц“, пренесува Б92.
Според него, српскиот суверенитет над Косово „постои само на хартија ви преамбулата на Уставот“ на Србија.
Тој апелира Србија да го прифати планот на поранешниот специјален пратеник на ОН за Косово Марти Ахтисари од 2007 година, како основа за понатамошно продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина што се води во Брисел, кој предвидуваше „мониторирана незавосност на Косово“, дека Косово не смее да се припои кон Албанија или која било друга територија, дека српскиот јазик е рамноправен со албанскиот, како и дека српските цркви и манастите во Косово се сопственост на Српската православна црква. Натаму, според планот, на косовските Србите им се гарантираше право на српско државјанство, загарнатирани 10 пратенички места во косовското Собрание и дека имаат право на вето на сите закони за кои сметаат дека ги загрозуваат нивните национални, верски или граѓански права.
Косовските Албанци под притисок на Западот го прифатија планот на Ахтисари за стаусот на Косово, но Србија го одби, по што тој беше блокиран од Русија во Советот за безбедност на ОН.
– Да го потпишеме договорот за севкупна нормализација на нашите односи со нив. Непријателството се гаси со пријателство, порачува Драшковиќ во авторскиот текст во „Блиц“.
Ова не е првпат Драшковиќ да апелира на промена на српската политика кон Косово. Тој и претходно во повеќе јавни настапи и авторски текстови укажување дека ова прашање конечно треба да се затвори, а како основа да биде токму планот на Ахтисари.




