Се уште не стивнуваат прозивките помеѓу Доналд Трамп и Ким Јонг Ун, и светот е во страв дека би можеле буквално да започнат војна.
Јапонската армија соопшти дека ќе пресретне проектили што Северна Кореја евентуално би ги испукала врз американската територија Гуам.
Министерот за одбрана на официјален Токио, Ицунори Онодера во обраќање во комисијата во Долниот дом на Парламентот рече дека националните сили за одбрана ќе добијат наредба да ја соборат ракетата испукана кон Гуам ако биде проценето дека е закана и за Јапонија.
Генералниот секретар и портпарол на јапонската Влада, Јошихиде Суга изјави дека државата никогаш нема да може да толерира провокации од Северна Кореја.
А Министерството за одбрана на САД разработило план за извршување превентивни напади врз околу 20 воени објекти во Северна Кореја од бомбардери Б-1 Лансер, објави Ен-Би-Си.
Во американската военовоздухопловна база на островот Гуам има шест стратешки бомбардери Б-1 Лансер. Од крајот на мај тие извршиле 11 тренинг летови. Последниот бил на 7 август.
Пентагон предвидува дека во евентуална таква операција ќе учествуваат дронови, воени авиони и разузнавачки авиони, наведува медиумот цитирајќи извори.




