Гран при на 19-тото Меѓународното биенале на графика 2017 во Варна, или како што уште се нарекува „Големата награда на градот Варна“, е највисокото признание на Биеналето, кое со одлука на интернационалното жири ја доделува градоначалникот на Варна.
Оваа престижна награда ја доби Мице Јанкуловски при отворањето на изложбата и соопштувањето на наградите.
Меѓународното биенале на графика во Варна, со своето 19-то издание потврди дека се наоѓа меѓу најпрестижните манифестации од овој вид во светот. Доказ за тоа се големиот број пристигнати дела – 685, од кои за изложба и претставување во каталогот беа селектирани 475 дела од 350 автори од 57 земји во светот.
Делото на Јанкуловски, носител на Гран при, е концепт од 5 графики насловен како „Формите на Венеција“ (сериграфии со апликација на флок, отпечатени во серија од 10, секоја со дименизии 100х70 см), куратиран од познатиот историчар на уметност и куратор Енцо ди Мартино од Венеција. Графиките можат да се разгледуваат поединечно, но најдобро функционираат во заеднички концепт. Биле печатени во графичкото студио „Фалани“ во Венеција и промовирани во нивниот центар за уметност на 19 јули годинава.
Во овој момент се уште трае изложбата на Јанкуловски „Формите на Венеција“ во Фалани Арт-центарот, па интересно е што додека таму трае изложбата, истото дело во Варна е наградено со највисокото признание на Меѓународното биенале на графика.