Во Музејот на современата уметност-Скопје утре во 20 и 30 часот ќе биде отворена изложба од ретроспективен карактер СИНХРОНИЦИТЕТИ / Архив 1987 – 2017 на дела од авторката Жанета Вангели, акумулирани во текот на последниве триесет години, но кои сепак македонската публика немала можност да ги запознае во еден директен и непосреден амбиент.
СИНХРОНИЦИТЕТИ / Архив 1987 – 2017 е селекција на слики, дела на хартија, реди-мејд објекти и инсталации, а во кино салата на музејот може да се проследат и проекциите: Видео селекција, т.е. избор од 7 кратки видеа од 30 минути, Судијата, експериментален игран филм, кој ја имаше својата светска премиера на 59. Интернационален филмски фестивал во Венеција во 2002 година, како и документарниот филм Евреите од Македонија и холокаустот, кој содржи ретки и вредни историски снимки од тој период, во јавноста само еднаш прикажани во Македонија.
За оваа изложба самата авторка ќе каже: „Моето досегашно, пред се, парцијално претставување токму во градот во кој живеам и работам, иницира огромна потреба во јавноста да се изнесат сите овие слики, фотографии, видеа, видео-инсталации и објекти кои во моите приватни простори имаат статус на големо, гломазно и габаритно депо, кое сукцесивно се зголемува од година во година. Музејот на Современата уметност во Скопје, со своите монументални просторни дадености, е токму просторот кој соодвествува на мојата замисла – да се постават разнородни дела од скоро сите периоди на мојата работа и инсталации со поголеми димензии.“
Куратор на изложбата е кустос Благоја Варошанец.
Изложбата е во организација на НУ Музејот на современата уметност, Скопје со финансиска подршка од Министерството за култура на Република Македонија.
Жанета Вангели e родена во Битола, во 1963 година. Дипломирала на Државниот факултет за ликовни уметности – Штеделшуле во Франкфурт во 1988 година. Од 1988 до 2008 година работела како слободен уметник во Франкфурт и Скопје. Од 2008 година е професор на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на катедрата за сликарство, во звањето вонреден професор.
Тaa е мултимедијален уметник, активен во сферите на сликарството, фотографијата, инсталацијата, видеото и филмот. Таа имала преку 20 самостојни изложби во Скопје, Битола, Штип, Хунген, Франкфурт, Хехст, Келн, Њујорк, Стокхолм и други места.