Симболот на Лондон часовникот Биг Бен на 21 август напладне ќе се огласи за последен пат. Во следните четири години на кулата Елизабет, каде што е сместен големиот часовник ќе бидат направени обемни реновирања, стои во информацијата објавена на веб страницата на британскиот Парламент.
Реновирањето ќе биде скапо и ќе трае со години.
Всушност, замолчувањето на Биг Бен е за да не им пречи на работниците кои ќе работат на проектот.
Чуварот на Биг Бен, Стив Џегс вели дека дека „замолкнувањето“ на часовникот “е значајна пресвртница во овој клучен проект за конзервација”.
Сепак, звукот на камбаната на Биг Бен и натаму ќе се користи за одбележување на важни настани, како што е дочекот на новата година.
Во последниве 157 години Биг Бен го означуваше секој час. И претходно, во 2007 година, во периодот од 1983-1985 и во 1976 година, Биг Бен беше на „одмор“. Звукот го произведува камбаната тешка од 13.7 тони од 1850 година, а ја придружуваат помали камбани кои одѕвонуваат секој четврт час.
Механизмот на Биг Бен потекнува од викторијанскиот период кој го активира ѕвоното. Со проектот за реновирање е опфатен и механизмот и четирите страни кои го покажуваат времето, поради што тие ќе бидат прекриени.
Но за да не ги остават лондончани целосно дезориентирани и да не знаат колку е точно часот, во секое време, една страна на часовникот ќе биде видлива. Додека викторијанскиот механизам се реновира, часовникот ќе го одржува современ електричен мотор.