Иран се закани со повлекување од атомскиот договор, во случај на воведување на натамошни американски санкции.
-Техеран може „во рок од неколку часа“ да најави истапување од договорот, ако Вашингтон продолжи со својата политика на „санкции и принуда“, предупреди иранскиот претседател Хасан Рохани во говор во Парламентот.
Според него искуството на неуспех на санкциите и принудата беше причината која ја доведе американската влада на преговарачка маса.
Тој истакна дека Договорот од 2015 година, постигнат со ОН, ЕУ и Германија, е симбол на дипломатија и мир и токму поради тоа Иран во досегашниот период ја почитуваше и ја применување постигнатата спогодба.
Неговата закана во прв ред е насочена кон американскиот претседател Доналд Трамп. Според иранскиот претседател, Трамп на светот му покажал дека не е добар партнер, а САД повеќекратно извршија кршење на своите обврски и ветувања во поглед на атомскиот договор: од преземањето на претседателската функција на Трамп во јануари, „САД веќе не се доверлив партнер за преговори“.
Трамп од почетокот остро го критикува меѓународниот атомски договор со Иран. Од неговото стапување на должност, односите меѓу САД и Иран видно се влошени. САД оттогаш во неколку наврати воведоа нови санкции против Иран.
Иранскиот парламент во неделата едногласно усвои предлог-закон за зголемување на буџетот, меѓу другото за ракетната програма на земјата и за потребите на Револуционерната гарда. Од вкупната сума од над 500 милиони евра, половина е предвидена за наведените две ставки, а другата половина од нив е наменета за министерствата за надворешни работи и за одбрана, како и за тајните служби. Според медиумите законот претставува одговор на најновите санкции од страна на САД.




