Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ќе почека да го види следниот чекор на САД и поради тоа ја одложи одлуката за лансирање ракети кон американската територија Гуам, јавија севернокорејските медиуми.
Во првото јавно појавување во последните две недели, Ким ги разгледал инсттукциите од војската, истовремено и планот за лансирање ракети кон Гуам, јави официјалната агенција КЦНА.
На фотографијата приложена на извештајот на агенцијата, Ким Јонг ун држи палка со која на мапата го покажува патот на ракетите кои би требало да бидат лансирани од источниот брег на Северна Кореја преку Јапонија до Гуам.
Северна Кореја во повеќе наврати предупредуваше дека ќе ги нападнат САД и американските бази и објавуваше слични фотографии, но никогаш не се случи тоа.
Но најновите закани предизвикаа ескалација на тензиите на релација Вашингтон – Пјонгјанг и американскиот претседател Доналд Трамп порача дека американската војска е подготвена да делува доколку Пјонгјанг не постапи мудро.
Сепак американските функционери деновиве зазаедоа многу посмирен став, кога американскиот државен секретар Рекс Тилерсон рече дека на лидерот на Северна Кореја е одлуката дали сака преговори со САД.
Портпаролката на Стејт департментот Хедер Ноерт изјави дека одлуката на Пјонгјанг за одложување не е доволна и дека мора да се покаже подготвеност за „денуклеаризација на Корејскиот полуостров“.




