Расизмот и ксенофобијата мора да се отфрлат во САД како и секаде во светот, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутерес, одговарајќи на политичката бура што ја предизвика американскиот претседател Доналд Трамп со коментарот за насилство во Шарлотсвил.
Како што наведува Ројтерс, американскиот претседател предизвика остри реакции кога во својот коментар ги изедначи белите националисти и контрапротестантите по прашањето на морална одговорност за избивање на нередите на митингот во Шарлотсвил.
Гутерес истакна дека расизмот, ксенофобијата, антисемитизмот и исламофобијата се отров на општеството и додаде дека од апсолутна важност е сите да се спротивстават на овие појави секаде и секогаш.
Генералниот секретар на ОН рече дека мора да се осудат сите видови на ирационализам кои ја поткопуваат толеранцијата и разноликоста, независно дали тоа мора да го направат САД или кој било во светот.
Државниот секретар на САД Рекс Тилерсон исто така рече дека не постои место во јавниот дискурс на САД за омраза и насилство кое беше демонстрирано во Шарлотсвил.
-Не постои место за насилство и омраза во нашиот јавен дискурс и сакам да изразам наша осуда на тие појави, изјави Тилерсон еден ден откако претседателот Трамп изјави дека обете страни во Шарлотсвил биле насилни за време на митингот.




