Социјалните мрежи им го забрануваат пристапот на белите националисти во САД како и на нивните поддржувачи.
Фирмите од Силикон Вели, гигантите на интернетот и социјалните мрежи, остро реагираа на трагичните настани во Шарлотсвил. Во саботата во немирите загина Хитер Хајер, 32 години, а 19 лица беа ранети од страна на нео-нацистите.
Овие фирми мораат да играат суптилна игра помеѓу слободата на изразувањето и контролата на говорот на омраза и поттикнување на насилство. Но овој пат нивниот став е јасен: се што промовира насилство и сектаризам ги нарушува условите за користење на нивните услуги и доведува до затворање на профилите на социјалните мрежи и повлекување на објавите.
Провајдерот GoDaddy уште два дена по настаните во Шарлотсвил го блокираше нео-нацистичкиот сајт Daily Stormer, еден од организаторите на протестите:
«Одлучивме дека, со оглед на трагичните настани во Шарлотсвил, Daily Stormer отиде предалеку со охрабрување на насилството», изјави Бен Батлер, директор во фирмата.
Фејсбук и форумот за дискусија Редит исто така презедоа мерки. Редит го блокираше форумот «Физичко отстранување» кој промовираше «елиминација од општеството» на демократите. Некои пораки беа навредливи и за девојката која загина во Шарлотсвил.
Фејсбук постојано ги отстранува сите објави кои ги величаат насилството или омразата. Фејсбук и Инстаграм од саботата затворија повеќе профили, како и оној на Кристофер Кантвел кој е еден водачите на белите националисти.
Освен тоа, беа затворени и сајтовите кои се обидуваа да собираат пари во корист на Џејмс Филдс, 20годишен нео-нацист кој е одговорен за смртта на Хитер Хајер.
И Пеј Пал, платформата за интернет плаќање, исто така информираше дека прави се да се спречи употреба на нивната услуга за собирање пари за активности кои промовираат омраза, насилство и расна нетолеранција.




