Во понеделник, прв пат во 99 години, жителите на Америка ќе можат да присустуваат на редок спектакл на небото. Сонцето над Америка во понеделник ќе биде целосно затемнето.
Феноменот е исклучително редок и се случува еднаш или два пати во еден човечки живот. Во Европа тоа се случи последен пат на 11 август 1999 година. Се продаваа специјални очила за да може да се гледа помрачувањето на сонцето а лекарите предупредуваа дека гледањето во сонцето без очила во тие моменти може да ве ослепи.
Помрачувањето од 1999 година се одвиваше во одлични климатски услови, на пладне и во лето кога нема многу облаци па така можеше да се набљудува и предизвика голема љубопитност во земјите каде што сонцето беше тотално затемнето. Просторот на целосното помрачување се протегаше од источниот брег на Канада до Бенгалскиот залив па десетици милиони луѓе можеа да го видат феноменот.
Претходното потемнување на сонцето се случи во февруари 1961 година. За Европа следното е предвидено за 3 септември 2081 година.
Овој пат таа можност им е дадена на Американците. Славната Бони Тајлер одлучи да не ја пропушти оваа шанса за нова промоција на нејзиниот стар хит “Total Eclipse of the Heart” (Целосно помрачување на срцето).
Тајлер денес има 66 години и таа беше на врвот на славата во 80те. Својот хит таа ќе го пее на бродот “Оаза на морето” на американската компанија Ројал Карибиан Круз. За компанијата изборот на Тајлер и нејзиниот хит биле логичен бидејќи ова е “историски момент”, велат од компанијата.
Хитот на Тајлер датира од 1983 година.




