Романија ќе прими околу 2.000 нови бегалци кои сега се наоѓаат во Грција и Италија, соопшти шефот на романската дипломатија Теодор Мелескану на една романска телевизија.
“Ние понудивме да земеме 1.942 бегалци од Грција и Италија. На наша територија веќе имаме 700 бегалци”, рече тој.
Романија е најсиромашната земја во ЕУ и претходно им се противеше на квотите за бегалци што ги определи Европската комисија пред две години. Сега го менува ставот но досега одвај неколку стотини бегалци прифатиле да останат во оваа земја.
Министерот изјави исто така дека Романија во 2017 година донирала 5.3 милиони евра хуманитарна помош за бегалците од Сирија кои се наоѓаат во соседните земји. Романија беше поштедена од бегалската криза бидејќи не се наоѓа на балканската рута за бегалците.




