Македонскиот документарен филм „Avec l’Аmour“ („Со љубов“), во режија на Илија Цветковски, ја освои третата награда од публиката на 23. Сараевски филмски фестивал.
Покрај овој македонски филм, со награди си замина и „Honeyland“ („Земја на медот“), во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“. Филмот ја освои наградата за дело во развој или work in progress и „заработи“ 30.000 евра.
Специјално признание од жирито доби актерскиот ансамбл на филмот „Правци“ во режија на големиот бугарски режисер Стефан Командарев, во кој Македонија се јавува како еден од копордуцентите заедно со Бугарија и Германија. Македонски продуцент на филмот е Владимир Анастасов од „Сектор филм“.
Наградата „Срце на Сараево“ ја доби филмот „Страшна мајка“ од Грузија и Естонија, во режија на Ана Урушадѕе.