Американскиот претседател Доналд Трамп ја претстави новата стратегија во Авганистан, кој воедно е најдолгиот американски воен конфликт.
– Јадрото на нашата нова стратегија е транзиција од приод базиран на временски рокови кон пристап базиран на околности, рече Трамп во обраќањето до американската јавност од воената база Форт Маерс во Арлингтон, Вирџинија
Тој посочи дека „неговиот првичен инстинкт му бил за повлекување“ од Авганистан, но дошол до друг заклучок откако го проучил ова прашање како Претседател.
Трамп оцени дека брзото повлекување од Авганистан ќе создаде вакуум на моќ, што терористите веднаш ќе го пополнат.
Американскиот претседател рече дека на САД му треба план за „пристоен и траен резултат“ во Авганистан, достоен за жртвите од регионот.
Трамп потенцира дека САД ќе продолжат да соработуваат со авганистанската влада, се додека гледаат решителност и напредок во земјата.
– Владата на Авганистан и авганистанската војска мора да го преземат својот дел од товарот во војната против терористичките групи, како што се Талибанците, вели Трамп.
– Целта на американските сили во Авганистан ќе биде да ги пронаоѓаат и убиваат терористите, а не да изградат нација, рече тој.
Тој истакна дека САД ќе го прошират овласувањето на своите вооружени сили во Авганистан за борбата против тероризмот.
Трамп, исто така, остави можност за зголемување на бројот на американски војници во Авганистан, но рече дека нема да зборува за војници или за плановите за идните воени активности.
Тој не кажа колку американски војници може да бидат испратени дополнително во Авганистан, но секретарот за одбрана Џејмс Матис, планира да испрати уште 4.000 војници, како дополнение на веќе стационираните 8400 во земјата.
Американскиот претседател изјави дека го споделува чувството на незадоволство на Американците за најдолгиот воен конфликт во земјата.




