Пожарникарите успеале во текот на ноќта да ги локализираат пожарите на потегот од Шибеник до Задар, објави утрово ХТВ. Во одбрана на градот Дрниш од огнената стихија учествувале повеќе стотици пожарникари.
-Ситуацијата е значително подобра отколку синоќа. Огнот е запрен на еден ипол километар до Дрниш. Нема жртви ниту пак загрозени објекти, а на теренот има околу 200 пожарникари и војници. Три канадери утрово се ангажирани на тоа подрачје, се вели во веста.
Пожар синоќа избувна во областа меѓу Омиш и Дупци. Поради тоа затворена е делницата на Јадранската магистрала Писак – Дупци.
Ситуацијата на задарското подрачје утрово е многу помирна.
Агенцијата ХИНА јави дека во пожарот кај Брела кој од утрово е под контрола изгорела борова шума од 30 хектари.
Во гаснењето на пожарот учествувале речиси 200 пожарникари со 37 возила.






